Illustration for the article „About the wounded shell and magnificent creation“ written by Prof. Dr. Emilija Stoimenova Canevska |IDT Skopje

За ранетата школка и величественото создавање



Кога школката плаче, бисерот се раѓа.

А, зошто школката плаче?
Школката плаче како и окото кога најмалата прашинка ќе го допре и ќе му го наруши она за што е створено – да гледа. И низ секоја солза се прочистува, гледа подобро не само низ леќата, туку ја чисти и душата да сјае повеќе, зрачи посилно и гледа појасно и подлабоко.
Кога зрнцето песок ќе се вгнезди, школката го глади обложувајќи го слој по слој со седефот од себе, она што е нејзина суштина и состав.
Штитејќи се себе од болката на повредата, раѓа богатство, предмет на копнеж на многумина - бисерот.

Роден низ болката, бисерот ја раскажува приказната за трансформацијата, за тоа како несебичното давање на себе креира нешто многу поубаво од нас самите. Нешто коешто буди креација, коешто буди копнеж и низ генерациите, ја пренесува приказната за своето настанување, но и приказните на сите оние кои го носеле, продолжиле да го негуваат за да го предадат на сите оние кои доаѓаат по нив како богатство, наследство и пред сѐ порака, дека низ болката, самопрегорноста и негата, доаѓа и се одржува убавината на сѐ што постои.

Бисерот не е седеф, бисерот има живот и приказна. Бисерот е солза којашто создала живот. Бисерот се создава и пројавува низ болка, толку карактеритична за секое раѓање. А, потоа доаѓа славење и радост, среќа и пројавување, покажување и фалење. И прашањето за мерка.

И впрочем, сите ние сме школки коишто изнедриле бисери, не им се знае бројот. И сите ние носиме бисерни гердани, коишто понекогаш и не знаеме дека ги имаме, коишто затоа ненегувани ќе останат непренесени на следните кои доаѓаат во низата после нас. Но, ако се негувани, ќе бидат пренесени во следот по нас, со нашите приказни и нашиот генетски код, којшто вели низ болка сме создадени и дојдени, низ љубов и грижа израснати, низ размена креирани да бидеме величествени, да сјаеме и радост да носиме. 
Нема убавина без размена којашто не нужно е и убава. Сите бои на виножитото се во белината или уште повеличествената црнотија на бисерот.Во црнилото има надеж, во сјајот има сенка. Сѐ е во крајност којашто тежи кон интеграција. Нема љубов без фрустрација, развој без нивен баланс.

Ранетата школка, низ прошка и грижа го создава чудото на природата од себе, бранејќи се без да отфрла, туку низ негувањето создава волшепство.

И нѐ учи да создаваме богатство од раната, којашто кога ќе ја извадаме, ќе ни даде богатство за нас и многу после нас. Богатство коешто нѐ учи да цениме и се грижиме за себе и тие околу нас и за тие кои по нас во след ќе дојдат, со благодарност за тие што пред нас биле и во аманет ни оставиле тоа што го знаеле и умееле. Бисерот носи и фрустрација, но и мудрост. Неговата сферна форма е процес на интеграција на обете.
Во нивна чест, ранетата школа потсетува дека ако таа може да создаде совршенство, и човекот може, низ љубов, грижа, прошка и трпение.
Школката му простува на зрното песок и создава волшепство, но не му простува на алчниот кога ја крши да ѝ го одземе создаденото. Тогаш, на агресија со агресија враќа и кршењето со кршење бара да се плаќа. И повторно нѐ учи и потсетува колку е значајно трпението на отварањето, чекањето пред согледувањето и давањето. Само во еден момент, школката ќе се отвори и бисерот ќе се појави и среќлијата кој ќе присуствува на тој момент и во присутноста ќе осознае како бисерот да го земе, е оној кој владее со себе и со тоа владение владее и со другите со силата на љубовта.

Природата нѐ учи како и ранетитот човек да се исцели и од раната богатство да отелотвори, како аманет за идните генерации поспремно да бидат во склад со природата и да ја стават во акција можноста за велелепна трансформација којашто сврзува и унапредува, сјае и благословува за понатаму – К’смет да имаш, човек човечен да бидеш!
Само така ранетата школка, низ велелепното создавање на бисерот, ни ја носи оваа порака, побудувајќи ни ја свесноста и отргнувајќи нѐ од замаеноста. 
И така, фасцинацијата со бисерот е фасцинација на моќта на љубовта, проштевањето, благодарноста и животот.
Наздравје живеење!

Пишува: Проф. Д-р Емилија Стоименова Цаневска, основачка на Гешталт Институт Скопје и менторка на Академијата за Product Owners.
Илустрација: Андреј Павлов

Институт за развој и поддршка на прогресивни образовни политики и иницијативи од неформално и формално образование преку едукација и имлементација на проекти и активности поврзани со дизајн и технологија.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ